во ,

6 Совети што ќе ви се најдат во опасни ситуации

Кога ќе се најдете во опасна ситуација, како шумски пожар или голема поплава, она што ќе го направите во првите неколку минути скоро секогаш е клучно за вашата безбедност.

Обично во ваквите ситуации секој човек е изложен на многу стрес, па рационалното размислување може да биде проблем, но ова неретко е причина за грешки кои, за жал, можат да чинат и живот.

Иако можеби никогаш нема да се најдете во некоја од следниве ситуации, не губите ништо ако научите што треба да направите во тие моменти:

Поплава

За среќа, кај нас не се случуваат огромни поплави каде што нивото на вода може да достигне и неколку метри, но добро би било да знаете што треба да правите во случај да се најдете на такво место.

Сигурно вашиот инстинкт ви кажува дека во ваква ситуација најдобро е да се качите на високо место. Ова е точно, но немојте да се качува на дрвја – ако струјата на водата е многу силна, дрвјата можат да се искорнат. Ако не можете да ѝ избегате на поплавата, најдобро е да се качите на покрив од некоја куќа и таму да чекате тим за спасување. Исто така, добро би било да се обидете да го привлечете вниманието на спасувачкиот тим со светло (блицот од вашиот телефон) и парче облека или каква било ткаенина со дречлива боја.

Силна бура со грмотевици

За да избегнете вакви ситуации, секогаш добро проверувајте ја временската прогноза пред да одите во природа. Ако сепак се соочите со силна бура, обидете се да најдете засолниште во затворен простор, како колиба. Доколку во близина нема никакво засолниште, а се наоѓате на рид, веднаш спуштете се на пониско ниво. Истовремено, немојте да се засолнувате под осамено дрво бидејќи постои голема шанса да го удри гром. Можете да се засолните на ниско место со грмушки, но тогаш немојте да легнувате на земјата. Наместо тоа, соберете ги рацете и нозете и стуткајте се што е можно повеќе.

Ако сте во група, најдобро е да држите растојание од неколку метра помеѓу вас. На овој начин ќе се намали бројот на повредени во случај громот да удри во земјата.

Изгореници

Иако можеби досега сте слушнале дека е добро на изгорениците да ставите масло, маргарин или нешто слично, никако немојте да го правите ова. Не постои никаков доказ дека овие „лекови“ ќе ви помогнат. Напротив, можат да ја влошат изгореницата – маслото, путерот или маргаринот ќе ја задржат топлината на изгореницата, а можат и да содржат бактерии кои ќе предизвикаат инфекција.

Кога ќе се изгорите, најпрво ставете ја изгореницата под млаз студена вода и држете ја 20-тина минути. Потоа можете да ставите облога од чиста газа натопена со студена вода, и менувајте ја на секои 15-тина минути. Немојте да ставате мраз на изгореницата, бидејќи можете дополнително да ја иритирате.

Овие совети се добри за помали изгореници, во спротивно веднаш одете на лекар.

Шумски пожар

Ако се најдете среде шумски пожар, најпрво одредете ја насоката на ветерот – обично огнот ќе се движи во истата насока. Кога ќе бегате, почнете да трчате сечејќи ја насоката на ветерот, а не спротивно или во истата насока. Потоа размислете дали во близина има поток, езеро или некаков резервоар со вода, па упатете се таму и намокрете ја целата ваша облека, како и вашата коса.

Ако не можете да го избегнете пожарот и во близина нема вода, направете дупка во земјата и покријте се со влажна почва. Доколку сте во можност, искористете го телефонот да повикате помош.

Во целата ситуација, имајте на ум дека чадот од огнот штетен, па покријте ги носот и устата со парче облека.

Губење во шума или природа

Ако се изгубите во шума или каде било во природа, најважно е прво да се смирите и да не паничите, па добро да размислите што можете да направите. Секојпат кога одите во природа добро би било да се осигурате дека батеријата на телефонот ви е полна, за да можете да повикате помош во секое време.

Ако не можете да повикате помош, обрнете внимание на вашето опкружување. Ако, на пример, во близина има река, можете да ја следите неа – голема е веројатноста дека ќе налетате на селце или нешто слично во нејзина близина. Исто така обрнете внимание дали во близина има некакво патче. Ова патче најверојатно ќе води до некое село или барем некоја колиба.

Обрнете внимание и на далноводите и ако немате друг избор, следете ги нив и сигурно ќе стигнете до некое населено место.

Средба со змија

Имајте на ум дека змиите напаѓаат кога се исплашени и кога се чувствуваат загрозено. Па, ако здогледате змија која сè уште не ве забележала, внимателно оддалечете се без да ја вознемирувате.

Ако змијата ве забележала и зазема положба за напад, никако немојте да правите нагли движења. Наместо тоа, почнете постепено да се оддалечувате, одејќи наназад со што е можно помалку движења.

Убод од пчела, оса или стршлен

Убодот од овие инсекти не е воопшто пријатен, но ако се најдете во ваква ситуација, обидете се да останете смирени. Додека пчелата ќе ве убоде само еднаш, ако станува збор за стршлен или оса можете да бидете нападнати неколкупати, па добро би било веднаш да се тргнете од тоа место.

Ако на кожата ви остане боцката од инсектот обидете се да ја отстраните со нежно гребење со ноктот. Немојте да се обидувате да ја отстраните со пинцета бидејќи можете да ја влошите ситуацијата.

Потоа измијте го убоденото место со сапун и вода, па ставете ладна облога за да го намалите отокот и веднаш упатете се во болница. Ако забележите отоци на други места, како вашето лице, првото нешто што треба да го направите е да одите на лекар, бидејќи веројатно станува збор за алергиска реакција.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

11 Амбалажи кои со 100% сигурност го продаваат производот

9 Грешки во уредувањето кои прават вашиот дом да изгледа старомодно