Chanel бумеранг од 1.300 долари, Versace скејтборд од 700 долари, сад за сапун од Hermes по цена од 480 долари – одвреме-навреме, познатите модни брендови изненадуваат со обични предмети кои ги продаваат за огромни суми.
Најпознатите модни брендови освен облеката и модните додатоци, некогаш вклучуваат навистина чудни работи во нивните колекции. Уште побизарни се цените по коишто ги продаваат.
Погледнете дел од необичните работи што биле дел од колекциите на познатите брендови:
Chanel бумеранг
Познатиот француски бренд ги изненади сите кога во колекцијата пролет/лето 2017 вклучи и „луксузен“ бумеранг. Бумерангот е направен од дрво и чини дури 1.300 долари.
Минијатурни играчки од Prada
Во 2018-та Prada ја претстави колекцијата наречена Pradamalia која ја сочинуваат неколку мали играчки во форма на животни. За разлика од играчката на Chanel, овие се „поевтини“ – најевтината се продава за 260 долари. Некои модели се поскапи и достигнуваат цена до 860 долари.
Versace скејтборд
Ако сте скејтер и сакате да бидете тренди, можете да си купите скејтборд со препознатливиот дизајн на Versace, по цена од 700 долари.
Играчка за правење меури од сапуница од Tiffany & Co.
Познатиот бренд за накит направи играчка за правење меури од сапуница, изработена од чисто сребро. Цената на оваа играчка е 275 долари.
Тула од брендот Supreme
Не е познато која е функцијата на тулата од американскиот бренд Supreme, но тие сепак ја продаваа по цена од 30 долари. Наводно, повеќе не можете да ја купите тулата од продавница на брендот, но можете да ја најдете онлајн по цена од околу 200 долари.
Секојдневни предмети од Hermes
Идејата зад овие предмети и алатки е навистина интересна. Познатиот бренд решил да направи колекција од разни секојдневни предмети, користејќи материјали што им останале, со цел да не ги фрлат, туку да ги рециклираат.
Сепак, цените се превисоки – отворачот за вино и приврзокот за клуч чинат 385 долари, а престилката за готвење чини дури 2.475 долари.
Украс за автомобил од Versace
Овој кадифен украс за автомобил во форма на коцки е дело на Versace и можете да го купите по цена од 255 долари.
Шах од Tiffany & Co.
Шаховската табла на Tiffany & Co. е изработена од сребро и злато, а има дрвена основа. Дури и кутијата во којашто ја продаваат е направена од сребро. Ако сакате ваков шах, ќе треба да платите вртоглави 100.000 долари.
Prada спојувалка
Оваа спојувалка изгледа како и секоја друга, но наводно е наменета за пари. Спојувалката чини 390 долари.
Сад за сапун од Hermes
Ако сакате луксузен детаљ во бањата и имате 480 долари вишок, можете да си купите сад за сапун од брендот Hermes.
Чепкалки за заби од Supreme
Изгледа дека овој бренд ги продава најчудните работи. Чепкалките за заби на Supreme се продаваа по цена од 15 долари за кутија, но исто како тулата, сега можете да ги најдете само на старо, по цена и до 100 евра.