Како што пренесува словенечкиот „N1“, родители од Љубљана пронашле пиротехнички средства кај своето дете, кои тоа ги купило без нивно знаење, и самите ја повикале љубљанската полиција.
„Со своето одговорно однесување дефинитивно му дадоа пример на детето и спречија евентуални повреди“, ги пофалиле од љубљанската полиција, додавајќи дека им биле предадени речиси 400 парчиња пиротехнички производи.
Во Словенија употребата на пиротехнички средства е дозволена за приватни лица од 26-ти декември до 1-ви јануари, а продажбата од 19-ти до 31-ви декември.
Од полицијата велат дека голем акцент ставаат на превентивните мерки за намалување на употребата или безбедното користење на пиротехничките средства кои ги спроведуваат заедно со училиштата и другите институции.
„Затоа секоја година одржуваме неколку предавања на таа тема во основните училишта“, велат тие.
Нагласиле и дека родителите имаат важна улога во освестувањето на малолетниците за опасностите од пиротехниката.
„Важно е да зборуваат на оваа тема и да ги предупредат децата за опасностите и последиците од употребата на пиротехнички производи“, додаваат од полициската управа Љубљана, пишува „N1 Slovenija“.