во

Интересни факти за Робин Вилијамс, холивудскиот актер со големо срце

Робин Вилијамс беше зависник од кокаин, но смртта од предозирање на близок пријател „го отрезнила“. Но сепак, речиси целиот живот актерот не успеа да се ослободи од алкохолизмот и си го одзема животот на 63-годишна возраст, пред 8 години.

Синот Зек Вилијамс сподели фотографија на Твитер, со опис:

„Тато, на осмата годишнина од твојата смрт, се сеќавам колку добар и весел беше.

Многу ми недостасуваш прекрасен, влакнест човеку и денес ќе го славам твојот живот. Те сакам многу“.

Ќерката Зелда сподели цитат од јапонскиот автор Харуки Мураками:

„И штом ќе помине бурата, нема да се сеќаваш како си ја поминал, како си успеал да преживееш. Нема ни да бидеш сигурен дали бурата е навистина завршена.

Но едно нешто е сигурно. Кога ќе излезеш од бурата, нема да бидеш истата личност која влегла во неа“.

Таа сподели и информации за центри за спречување самоубиство со цел да им помогне на следбениците кои имаат суицидни мисли.

Покрај неверојатниот талент и филмовите што го одбележаа нашето детство, Робин Вилијамс неретко е нарекуван и најдобриот човек во Холивуд.

Секогаш им обрнувал внимание на фановите и секогаш го давал најдоброто од себе за другите околу него да бидат среќни, дури и кога самиот страдал многу.

Во продолжение неколку факти за Робин Вилијамс што можеби не ги знаевте:

Сакал да го глуми Хагрид во серијалот Хари Потер

Хагрид е еден од најпрепознатливите ликови во серијалот Хари Потер, а Робин Вилијамс сакал да го глуми во филмската адаптација.

Но, бил одбиен бидејќи продуцентите сакале да најмат само британски актери.

Беше пријател со познатата горила Коко

Горилата Коко го привлече вниманието на јавноста бидејќи можеше да комуницира со луѓе и разбираше над 2.000 зборови. Исто така, можеше да гестикулира со рацете и правеше над 1.000 знаци кои означуваа разни зборови.

А, Робин Вилијамс имаше можност да ја запознае во 2001 година.

„Коко искористи знаковен јазик за да ми рече да си играме. Заедно се смеевме“, изјави актерот за слатката средба.

Ќерка му е крстена по лик од видеоигра

Ќерката на актерот Зелда е крстена по лик од популарниот серијал видеоигри Legend of Zelda.

Во интервју, тој откри дека откако ја купил играта, ја играл со часови и се вљубил во неа.

Трипати стапи во брак

Актерот стапи во брак трипати, а со последната сопруга беше до крајот на неговиот живот.

Во 1978 година тој се венча со Валери Веларди, но се разделија во 1983 поради неверство од страна на актерот.

Потоа, во 1989 година се венча со Марша Гарсес, а се разделија во 2008 година.

Во 2011 година актерот се венча со Сузан Шнајдер и беа заедно до неговата смрт во 2014-та.

Беше зависник од кокаин и алкохол

Кон крајот на 1970-тите и почетокот на 1980-тите, познатиот актер беше зависен од кокаин, а имаше и проблеми со алкохолизам. Но, смртта на неговиот пријател, актерот Џон Белуши, го натерала да се откаже од пороците.

Џон Белуши почина од предозирање во 1982 година, и тоа откако бил на забава со Робин Вилијамс.

„Дали тоа беше знак дека треба да престанам? Да, голем знак. Неговата смрт ме натера да се отрезнам“.

Во 2003 година актерот повторно почна да пие, а три години подоцна самиот се пријави во центар за рехабилитација, изјавувајќи дека е алкохоличар.

Следните неколку години актерот отворено зборуваше дека му е тешко да се држи понастрана од алкохол, но поради смртта на пријателот, никогаш повторно не пробал кокаин.

„Ниту еднаш не помислив да се вратам на тоа. Да водам безначајни разговори до полноќ, да се будам чувствувајќи се како вампир – не“.

Еднаш неделно му се јавувал на Стивен Спилберг додека режисерот го снимал Shindler’s List

Ремек-делото на Спилберг – Schindler’s List – е трагичен филм кој ја раскажува приказната на Оскар Шиндлер. Оскар бил бизнисмен кој за време на Втората светска војна вработувал евреи и така ги спасувал од логорите.

Додека траело снимањето, режисерот се чувствувал ужасно и бил на раб на депресија, па Робин Вилијамс му се јавувал еднаш неделно за да го расположи.

„Робин знаеше низ што минувам, па еднаш неделно ми се јавуваше и по телефон ми изведуваше стенд-ап шоуа“, изјави режисерот во 2018 година.

Му помагал и на Кристофер Ривс по несреќата што го парализира

Кристофер Ривс, најпознат по улогата на Супермен, остана парализиран од вратот надолу по несреќа со јавање.

По несреќата, Ривс бил во ужасна ментална состојба, но Робин Вилијамс го дал најдоброто од себе да го расположи.

Додека Ривс чекал да му направат ризична операција на мозокот и ’рбетот, Робин Вилијамс влегол во неговата соба облечен во болнички мантил и се преправал дека е проктолог – специјалист за болести на дебелото црево и аналниот отвор – и му кажувал безобразни шеги.

По смртта на Ривс, неговото семејство изјави:

„По несреќата на татко ни, посетата на Робин беше првпат кога тој вистински се насмеа. Тато ни рече ’Мојот стар пријател ми помогна да сфатам дека некако, сепак ќе бидам во ред‘“.

Имаше депресија и си го одзеде животот

Актерот неколкупати имаше прозборено за неговата депресија, па откако си го одзеде животот во 2014 година, јавноста шпекулираше дека тоа а причината.

Но, лекарите и неговата сопруга споделија дека за неговото самоубиство се виновни неколку фактори покрај депресијата.

Според сопругата Сузан, актерот почнал да покажува симптоми на деменција отколку една година пред смртта и состојбата само му се влошувала.

Три месеци пред смртта, пак, бил дијагностициран со Паркинсонова болест, но и уште едно нарушување кое дополнително му ја влошило депресијата.

Состојбата му била толку лоша, што лекарите сметаат дека не би живеел повеќе од три години.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

13 Оптички илузии од реалноста – ќе треба да погледнете двапати за да сфатите што се случува

17 Работи од Шкотска кои со сигурност ќе ви изгледаат изненадувачки