во ,

Женките мораат да родат барем еднаш и уште 7 митови за стерилизацијата на мачки и кучиња

Досега сигурно сте забележале дека голем број здруженија за животни се залагаат за масовна стерилизација на уличните мачки и кучиња, а имаат многу добра причина за тоа. Кога уличните мачки и кучиња ќе бидат стерилизирани, тие нема да се размножуваат и нивниот број нема да се зголемува.

Неретко уличните животни немаат доволно храна, изложени се на насилство и секакви болести, немаат кој да се грижи зa нив, па контролата на нивната популација е најдобриот начин да се избегнат сите овие негативни страни.

Истовремено, стерилизацијата е добра и за мачките и кучињата кои се миленици. Ако, на пример, имате мачка и знаете дека немате услови да се грижите и за нејзините мали мачиња, стерилизацијата е многу подобра опција, отколку малите мачиња да завршат на улица. Дури и ако воопшто не ја пуштате мачката надвор, стерилизацијата е добар избор во случај да ви избега – нешто што и не е така ретка појава.

Иако скоро сите ветеринари ја препорачуваат стерилизацијата, сепак постојат многу митови кои можат да ги одвратат сопствениците од ова намера

Па, погледнете неколку митови за стерилизацијата во кои не би требало да верувате:

Женките мораат да родат барем еднаш

И мачките и кучињата можат да имаат среќен живот без ниту еднаш да родат. Всушност, нема никаков научен доказ дека мачките или кучињата имаат некоја придобивка од бременоста или дека ќе им се случи нешто ако не родат ниту еднаш.

Треба да ги стерилизирате само женките

Некои луѓе веруваат во овој мит бидејќи сметаат дека штом женката е таа што раѓа, логично е да ја стерилизирате само неа. Но ова мислење е погрешно. Додека женките можат да родат 2-3 пати годишно, мажјаците можат да оплодат многу повеќе женки во една година.

Ако, на пример, имате мачор што го пуштате надвор, а не е стерилизиран, тој може да стане „татко“ на десетици мачиња кои ќе останат на улица.

Подобро да ги стерилизирате милениците после првиот „плоден период“

И мачките и кучињата имаат таканаречен плоден период, кога се подготвени за парење. Кај кучињата, во зависност од расата, првиот плоден период се појавува околу шестиот месец, а слично е и кај мачките.

Иако некои луѓе веруваат дека е подобро да го почекате првиот ваков период, па потоа да го стерилизирате миленикот, всушност најдобро е да го направите тоа претходно.

Според експертите, најдобро е да ја стерилизирате мачката/мачорот кога ќе наполни пет месеци. Кај кучињата, најдобро е да го направите тоа кога ќе наполни шест месеци.

Сепак, во овој случај најдобро е да се консултирате со ветеринар, и тоа веднаш откако ќе го вдомите миленикот.

Стерилизацијата ќе го промени карактерот на миленичето

После операцијата, можно е да забележите промени кај миленикот, но овие промени се предизвикани од нивото на хормони. Што значи, нивниот карактер ќе си остане ист.

На пример, кај мажјаците најверојатно ќе се намали потребата да обележуваат територија или да покажуваат доминантност. Неретко сопствениците забележуваат и дека после стерилизација миленикот повеќе сака да се гали и е помирен.

Операцијата е многу ризична

Бидејќи сепак станува збор за операција со анестезија, нормално дека постојат ризици. Но, стерилизацијата на мачки кучиња е доста честа процедура и ако ја направите кај професионалец, не треба да бидете загрижени. Ако се сомневате во што било, разговарајте со ветеринарот кој ќе ви ги објасни сите можни ризици од стерилизацијата.

Миленикот ќе се здебели

Постои верување дека по стерилизација, милениците се здебелуваат. Иако некои истражувања ја поврзуваат стерилизацијата со забавување на метаболизмот, со правилна исхрана и доволно физика активност, вашиот миленик не би требало да има проблеми со тежината.

Но, ако забележите дека миленичето многу се поправило, консултирајте се со ветеринар, бидејќи дебелината е штетна и за животните.

После стерилизација миленикот нема да може да се одбрани или да ве заштити

Како што напоменавме, стерилизацијата ќе го промени нивото на хормони во организмот на миленикот и тој нема да покажува доминантност како претходно. Но, ова не значи дека миленикот ќе го изгуби инстинктот за опасност или дека нема да може да се одбрани и заштити себеси или сопственикот.

Сите мачки и кучиња мораат да бидат стерилизирани

Стерилизацијата на уличните мачки и кучиња е единствениот начин да се намали нивното размножување, а со тоа и нивниот број. Кога станува збор за миленици, одлуката е на сопственикот. Затоа, најдобро е да разговарате со ветеринар кој ќе ви објасни сè за стерилизацијата и ќе ви помогне да одлучите дали тоа е правилно за вашето милениче.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

14 Смешни и бизарни фотографии од венчавки: Венчаница со Владимир Путин, свадба во продавница

11 Амбалажи кои со 100% сигурност го продаваат производот